Судскиот совет испрати известување до Собранието за пензионирањето на Кацарска

Судскиот совет го известил Собранието дека пред две години ја испратил во пензија судијката на кривичниот суд Скопје, Добрила Кацарска откако ги исполнила условите за старосно пензионирање.

Кацарска е уставна судијка чиј мандат е регулиран со Уставот, но од Судскиот совет сметале дека треба да го пратат известувањето до Собранието кое ги бира уставните судии.

Претседателката на Судскиот совет Весна Дамева за Телма потврди дека пред два дена испратила известување до Собранието за Кацарска.

“Официјално го известивме Собранието дека Кацарска како уставен судија предложен од Судскиот Совет ги исполнила законските услови за пензионирање според измените на Законот за работни односи од 2022-ра”, ни рече Дамева.

Дамева тврди дека не барале разрешување како што се објавува во медиумите бидејќи тоа не е во нивна надлежност.

“Пративме до Собранието само официјално известување за запознавање и евентуално натамошно постапување од страна на надлежниот орган”, ни рече Дамева во телефонски разговор.

Според Уставот, функцијата на уставен судија престанува во три случаи.

Ако сам си поднесе оставка, а може да биде разрешен „ако биде осуден за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци или кога трајно ќе ја загуби способноста да ја врши својата функција“.

Уставот наведува дека надлежен за утврдување на овие околности е самиот Уставен суд, а не Собранието до кое претседателката на Судскиот Совет Дамева го испратила дописот за пензијата на Кацарска од пред две години.

Од Уставниот суд ги цитираа овие одредби и наведоа дека немаат никакви официјални информации. Претседалката на Судскиот совет Весна Дамева ни објасни дека слично законски одредби биле применувани за членовите на судскиот совет кои ги исполнувале условите за старосно пензионирање.

И во известувањето биле посочени пенизонерските примери од Судскиот совет кои пак се носени според Законот за судски совет и според Законот за работни односи.

Од друга страна, нема посебен закон за Уставниот суд туку изборот на уставните судии и нивно разрешување се врши согласно Уставот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*