Се преполовил бројот на Македонци по ланскиот попис во Албанија. Според податоците на тамошниот Институт за статистика објавени денеска, како Македонци се изјасниле 2.281 или двојно помалку во споредба со пописот во 2011-та година кога биле евидентирани околу 5.500.
За првпат, во малцинствата се појавуваат и Бугари. Дури 0,3 отсто од попишаните или над 7.000 се изјасниле дека припаѓаат на бугарската етничка заедница. Зголемувањето на Бугари за сметка на Македонците според претседателот на единствената македонска партија е пописен геноцид одобрен од Албанија.
Македонското МНР со загриженост ги следи случувањата по објавените резултати од пописот во Албанија. Констатира дека нерегуларностите на кои укажуваа македонските здруженија, резултирале со податоци кои не ја одликуваат соодветно реалната бројка на етнички Македонци во земјата.
„Дополнително, министерството изразува незадоволство и остро реагира на употребата на термин „Северномакедонци“ и употреба на име на земја како супститут за етничка заедница“, стои во соопштението од МНР.
Сериозниот удар е нанесен на Македонија, Македонците и македонското малцинство во Албанија и ова не треба да остане без реакција од нашата држава нагласуваат од македонските здруженија во Албанија.
Партијата на Македонците, Македонска алијанса за европска интеграција, бара повторување на пописот. Велат бројките се нереални и не може во Албанија да има двојно повеќе Бугари отколку во Македонија, бидејќи на ниту еден претходен попис немало луѓе кои се изјасниле како Бугари.
Македонското МНР веќе го повика амбасадорот Данчо Марковски, на консултации за разгледување на можностите за корекција на направените пропусти, но и за унапредување на односите со Албанија.