Пратеникот и екс-министер Филипче избран за лидер на СДСМ

Венко Филипче, поранешен министер за здравство и актуелен пратеник е нов претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), кој победи на внатрепартиските избори со 9.052 гласови пред второрангираниот Јован Деспотовски со 2.705 гласови, од 95 отсто обработени гласови од 77 избирачки места.

Избирачкиот список броеше вкупно 23.373 акредитирани членови на СДСМ.

Излезноста е 54 отсто, објави претседателката на Централната изборна комисија (ЦИК), Викторија Аврамовска Мадиќ. Аврамовска Мадиќ, а и Филипче во обраќањето, го оценија процесот како демократски и успешен.

Деспотовски реагираше зошто претседател е прогласен пред да истече рокот од 24 часа за приговори. Тој рече дека „не може да се зборува за избран претседател на партија кога 10.000 луѓе останале надвор, а има избран претседател со 9.000 гласови“.

Третиот кандидат, Александар Бајдевски, поранешен заменик министер во Министерството за информатичко општество и администрација,освои 905 гласови, а 190 гласови имаше и поранешната министерка за одбрана, Славјанка Петровска кој ден пред изборите се откажа од трката, но нејзиното име стоеше на ливчето.

Филипче вети дека ќе ја врати довербата кај граѓаните и кај членството и дека СДСМ ќе биде силна опозиција и коректив во општеството.

Тој најави вистински, темелни промени во СДСМ.

„Сакам ова заедништво вечерва да не краси и во годините пред нас. Сега е време да ги оставиме личните интереси, да се залагаме и да носиме одлуки за општо добро. Како претсеадател, ветувам дека нема да делам, туку ќе обединувам. Ветувам дека ќе водам со пример и тоа ќе го барам од секој. Ветувам дека СДСМ ќе биде отворена, модерна партија“, рече Филипче.

Деспотовски рече дека додека не се одговори на две прашања, не мисли дека треба да се зборува за завршени избори во СДСМ.

„Првото е зошто на тие 10.000 луѓе не им беше дозволено да гласаат, а беа регистрирани? Второто прашање е што се случи со оние луѓе кои денеска ги вративме од гласање? За резултатот немам коментар. Не може да зборуваме за избран претседател со 9.000 гласови, а на 10.000 не сме им дале право на глас. Се радувам за Венко, кој ми е другар, но не се радувам за СДСМ. Зградата е празна денеска и тоа не е во ред, тоа треба многу да каже за сите нас“, рече Деспотовски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*