Пратениците со 77 гласа „за“ и 22 „против“ вечерва (23 јуни) ја изгласаа новата Влада на Северна Македонија, предводена од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Со Мицкоски на премиерската позиција, во Владата ќе има 23 министри, а од нив пет ќе бидат и вицепремиери.
Во завршното обраќање пред гласањето, Мицкоски рече дека на „граѓаните им е доста од препирки“ и оти е „потребна работа, посветеност, одговорност и конкретни проекти“.
„Во првите сто дена ќе ги подигнеме стандардите, макотрпно ќе работиме, ќе се грижиме, државата ќе се менува“, рече Мицкоски, најавувајќи намалување на даноци, зголемени пензии, проект од 250 милиони евра за општините, нови странски инвестиции, фронт против корупцијата.
16 од членовите на владиниот кабинет, вклучувајќи го и премиерот, се од редовите на коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шестмина се од коалицијата „Вреди“ (ВЛЕН) и двајца од политичката партија ЗНАМ.
Откако беше изгласана Владата, премиерот Мицкоски и министрите дадоа и свечена изјава.
Во неа, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го користеше уставното име Република Северна Македонија, за што се осврна и во завршното обраќање.
„Ќе ја кажам срамната придавка при заклетвата затоа што ме потсетува на срамот што го нанесовте на мојата татковина, на моето семејство, на моите неродени внуци. Ќе правам се што можам додека сум жив оваа неправда да ја исправам. За жал, во овој момент сум немоќен. Во овој момент ќе морам да капитулирам како човек пред вас и да ја кажам“, рече Мицкоски.
Во текот на дводневната дебата ВМРО-ДПМНЕ ги повтори основните заложби – евроинтеграција на државата, борбата против криминалот и корупцијата, развој на економијата, рамномерен регионален развој, приближување на власта до граѓаните, намалување на даноците, зголемување на пензиите и платите, градење добри односи со соседите и негување на меѓуетничките односи.
Мицкоски во експозето на почетокот на седницата најави „фуриозен почеток на проекти“ и уште неседнат во премиерската фотелја рече дека во вторник (25 јуни) ќе промовира инвестиција од 400 милиони евра.
Опозицијата, пак, критикуваше дека новата Влада е далеку од ветувањата што ВМРО-ДПМНЕ ги дала во предизборната кампања. Пратениците од СДСМ критикуваа дека таа е манипулативна и изразуваа сомнежи дека ветените проекти ќе се реализираат.
„За неколку дена ВМРО-ДПМНЕ погазија многу ветувања, надежта почна да исчезнува. Загрижуваат одредени недоречени ветувања во предложената програма, како преиспитувањето и рационализацијата на органите на државната управа со можност за спојување и укинување на одредени државни органи, дали новата реорганизација изгласана по полноќ и во скратена постапка ви беше потреба за реформа која ќе биде и соодветно прочистување?“, рече Сања Лукаревска од СДСМ.