Новата влада сепак ќе има прв вицеперемиер. Изет Маџити од „Вреди“ ќе седне во фотелјата на Артан Груби, што тој денеска лично го потврди, притоа ветувајќи дека нема да игра фудбал во кабинетот, да носи куфери пред јавни институции и да се занимава со бизнисите на „Лотарија“ и „Соравија“.
„Точно е дека оваа, како и сите други работи, не била од страна на ДУИ регулирана до крај. Значи во Законот за влада не стои, но во Деловникот има прв вицепремиер. И сега, врз основа на Деловникот и врз основа на договорот за идната влада, јас ќе бидам првиот вицепремиер“, изјави денеска Изет Меџити, иден вицепремиер задолжен за секторот животна средина од коалиција „Вреди“.
Со ова изјава Меџити го демантираше потпретседелот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, кој ќе биде и иден заменик-претседател на Владата и министер за транспорт и врски, а кој пред само два денаво во интервју за Топ Тема на Телма изјави дека функцијата прв вицепремиер се укинува.
На прашањето дали ќе биде избришан прв вицепремиер од Деловникот, Николовски одговори со: „Да“.
За Изет Меџити тој рече дека ќе биде заменик-претседател на влада, како што ќе биде и тој. Меџити контра Николовски денеска изјави дека договор за прв вицепремиер бил постигнат со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.