Решение за акредитација на Факултет за здравствени науки доби Меѓународниот универзитет во Струга чија сопственост се поврзува со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.
Претходно зелено светло даде министерот во заминување Јетон Шакири, кој пред да стане владин функционер беше професор на Универзитетот во Струга.
Од Агенцијата за квалитет на високото образование ја потврдија информацијата, но велат дека во тек е постапка за акредитација на студиските програми, па дури потоа ќе може да почне со работа оваа високообразовна установа.
„Се акредитира проектот за основање на Факултет за здравствени науки, на приватната високообразовна установа Меѓународен Универзитет во Струга, согласно Законот за високо образование“, стои во решението за акредитација на Одбор за акредитација.
Од Министерството за образование велат дека одлуката е донесена поради потреба од повеќе здравствени работници во државата и покрај тоа што во во Македонија има 4 медицински факултети, Скопје, Штип, Тетово и најновиот во Битола, кој ќе започне со работа од следната аакдемска година.
„Од страна на Владата дадено е и позитивно мислење за основање на Факултет за здравствени науки при Меѓународниот универзитет во Струга, каде ќе има тригодишни студии за медицински сестри. Погрешна е информацијата дека ќе има студии за едукација на доктори“, соопштија од МОН.
Меѓународниот универзитет во Струга кој е во делумна сопственост на синот на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, Генц Мерко.
Универзитетот сега добива акредитација за Факултет за здравствени науки покрај веќе постоечките Факултет за економски науки, Правен факултет, Факултет за информатички технологии и Факултет за политички науки.