Извршниот комитет на СДСМ во понеделник ја продолжи седницата што ја започна на 23 мај за организирање внатрепартиски избори за ново раководство, откако лидерот на партијата Димитар Ковачевски поднесе оставка од лидерската функција.
Извршниот комитет на седницата ја овласти централната изборна комисија во партијата да ги започне подготовките за внатрепартиските избори кои треба да се одржат на 30 јуни.
На седницата присуствуваше и самиот Ковачевски, кој при влегувањето во партискиот штаб на новинарите им порача дека нема намера да се кандидира за лидер на партијата.
И членот на партијата Јован Митрески изјави дека нема намера да се кандидира за лидерската позиција. Претходно интерес да се кандидираат за лидерската позиција на СДСМ покажаа Јован Деспотовски, Стефан Богоев и Славјанка Петровска.