118 новоизбрани пратеници добија уверенија. ДИК им ги додели откако беа избрани на парламентарните избори на 8 мај, а резултатите од гласањето не беа оспорени во жалбена постапка и станаа конечни.
Два пратенички мандати ќе бидат утврдени со утрешното гласање на 7 избирачки места.
Прегласување ќе има бидејќи ДИК утврди неправилности и побара повторување, а Управниот суд ги потврди тие одлуки. Гласањето опфаќа едно место во Изборна единица 6 во Желино, како и 6 места во „петка“ – 2 места во Крушево, две и во Долнени, како и по едно во Охрид и во Струга.
Ден порано, за гласање во своите домови се пријавиле 47 болни и изнемоштени лица, 2 во домови за вонсемејна грижа и петмина кои издржуваат казна затвор.
Новиот состав на Собранието треба да се состане најдоцна 20 дена по изборите, односно до 28-ми мај. Седницата треба да ја закаже спикерот од претходниот состав а со неа претседава најстариот пратеник.
Може да трае најмногу три дена, согласно новиот Деловник и завршува со изборот на претседател на Собранието.