30-ет дневен притвор му е одреден на врховниот судија Наќе Георгиев, кој според Обвинителството директно бил фатен со 10 илјади евра, односно за примање на награда за противзаконско влијание.
Кривичниот суд му определи 30 дена притвор на врховниот судија Наќе Георгиев. Мерката е на барање на обвинителството поради влијание врз постапката и повторување на делото.
Пред судија на претходна постапка се бранел со молчење, единствено рекол дека е наместен.
Судијата Георгиев беше уапсен вчера по пријава на синот на ексградоначалникот на струмичко Ново Село а ОЈОГОКК отвори истрага за примање награда за противзаконито влијание во која освен Георгиев, опфатен е и членот на советот на ЈО Иџет Мемети.
Георгиев е фатен на дело како прима 10.000 евра во кеш, од страна на синот на поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев кој е осуден за трговија со марихуана, на кој му ветил дека ќе му ја олесни постапката.
„Според сознанијата добиени од пријавителот, првоосомничениот користејќи ја својата службена положба и претпоставено влијание лажно ветувал погодности за обвинет (татко на пријавителот) во друга постапка што се води пред Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, и лажно прикажале дека ќе извршат влијание заедно со второосомничениот“, стои во соопштението на Обвинителството.
За Мемети се бараат мерки на претпазливост – јавување во суд и одземање на пасошот.
Со оглед на тоа што судијата Георгиев бил фатен во вршењето на кривичното дело а тој има судиски имунитет, на барање на обвинителството Судскиот совет синоќа по полноќ на итна седница донесе одлука да му го одземе имунитетот, го одобри барањето за притвор и времено го оддалечи од вршењето на судиската функција.
Полицијата изврши претреси во неговата канцеларија во Врховниот суд но и на други локации. Претрес според информациите бил извршен и во домот на членот на обвинителскиот совет Мемети.