Планот за раст на Западен Балкан претставува јасен сигнал за посветеноста на Европската Унија за економска и демократска трансформација на Западен Балкан, изјави црногорскиот премиер Милојко Спајиќ на Самитот на лидерите на Западен Балкан и Европската Унија во Котор.
На самитот чиј домаќин е Спајиќ, покрај лидерите од регионот, учествуваат и европскиот комесар за соседство и проширување, Оливер Вархеји и помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан.
О’Брајан рече дека приоритет на Планот за раст за Западен Балкан е да се создаде единствен пазар на циркулација на пари, да се намалат трошоците, да се олесни движењето на пазарот и да се отворат повеќе работни места.
„Пораките на Планот се дека за секој учесник пораката е јасна – работете ја вашата работа и не барајте некој друг да направи нешто прво, за вие да го направите вашето“, изјави О’Брајан.
Вархеји рече дека Планот за раст повеќе не е нацрт, туку патоказ, кој е корисен за регионот пред влезот во ЕУ.
„Поради планот за раст и интензитетот на помошта од економскиот и инвестицискиот план, реформската агенда и дополнителната финансиска помош до 2027 година, Балканот ќе биде подготвен или би можел да биде подготвен, или би можел сам да се подготви за влез во ЕУ“, изјави Вархеји.