Таравари од ВЛЕН очекува да се формира нова влада на почетокот на јуни

Oд двата табора нема информации дали веќе се формирани работните групи кои ги најавија и кој се ќе учествува во нив.

И покрај тоа што деталите се чуваат во тајност, еден од лидерите на коалицијата ВРЕДИ, Арбен Таравари во интервју за „Гласот на Америка“ вели дека очекува разговорите да продолжат денеска и во среда, а новата Влада да се формира на почетокот од јуни.

За поделба на ресори и кадровски решенија досега не разговарале со Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, вели Таравари, приоритет сега според нив е усогласувањето на програмата.

“Следната средба ќе биде со работните групи. Јас се надевам во понеделник и во среда да продолжат разговорите. Начелно веќе имаме Влада во доаѓање и се надевам дека од 1 до 5 јуни ќе имаме нова Влада. Јас не можам да кажам ништо, бидејќи не е разговарано ништо за поделба на места. Се надевам дека набргу работните групи ќе седнат за да ги усогласат програмите на двете коалиции ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ, а потоа во втората етапа ќе разговараме за кадровски решенија. Јас се надевам дека за една недела до десет дена ќе почнеме и за тоа да разговараме”, вели Таравари.

И покрај тврдиот став на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени, Таравари вели дека нивен приоритет од кој нема да се откажат за влез во влада е европскиот пат на Македонија, покрај залагањата за правна држава и економски развој. Очекува што побргу да се најде решение за ЕУ интеграциите.

“ЕУ-интеграцискиот пат на Македонија е несомнено работа, на која интензивно ќе работиме во наредниот период, за да се изнајде решение, што побргу, тоа подобро. Ако има интерес од сите страни да отвориме и направиме нов Устав тука сме, ако не ќе продолжиме со овој, сè додека не се создадат услови за двете поголеми етнички заедници во Македонија да седнат и да констатираат дека навистина ни треба нов и подобар Устав за државата. Нема врска ова со федерализација. Нам ни треба добра децентрализација, а не федерализација”, изјави Таравари.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*