Претседателството на Советот на ЕУ и претставници на Европскиот парламент постигнаа договор за Регулативата за формирање на Механизмот за реформи и раст на Западниот Балкан, која е централен инструмент за финансиска поддршка на Планот за раст на регионот што го промовира Еврокомисијата во ноември 2023 година.
Со овој инструмент се обезбедуваат финансии за реализација на Планот за раст на Западниот Балкан за периодот од 2024 до 2027 година, кои ќе опфатат две милијарди евра грантови и четири милијарди евра позајмици за земјите од регионот, вклучително и најмалку 800 милиони евра за Северна Македонија.
Овие средства ќе претставуваат надополнување на постоечкиот Инструмент за претпристапна помош (ИПА 3), со што значително ќе се зголеми финансиската помош од ЕУ за државите од Западниот Балкан.
Како што соопшти денеска Европската комисија, Механизмот ќе им пружи поддршка на партнерите на ЕУ од Западен Балкан во спроведувањето на реформи поврзани со приближувањето кон Унијата и ќе го стимулира нивното економско поврзување со блокот, врз основа на амбициозните реформски агенди.
„Механизмот, исто така, ќе промовира усогласување на партнерите со вредностите, законите, правилата, стандардите, политиките и практиките на ЕУ со цел нивно идно членство во Унијата“, додава ЕК во соопштението.