Шестмина кандидати за претседател на Северна Македононија денеска го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори, со кој се обврзаа на почитување на изборните закони, правила и прописи, како и владеењето на правото при организирање и спроведување на изборите.
Потпис на кодексот не стави само претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски, кој изрази незадоволство што нема да се одржат предизборните мастер дебати, иницирани од претседателот Стево Пендаровски.
„Кодексот ќе го почитувам, но ако немаме дебати нема да го потпишам“, порача градоначалникот на Карпош.
Тој оцени дека одредени кандидати се максимално фаворизирани, земајќи големи средства.
„Кога ќе поделиме ќе видиме дека потписот што го дале граѓаните за нив вреди 97,5 евра, а потписот за нас 12,6 евра“, рече Јакимовски.
Но, најголемиот проблем, според него, е што нема да бидат организирани мастер-дебати со сите кандидати пред изборите.
„Утрово ја добив веста дека се откажува мастер дебата, што не е во ред и не е во духот на развој на демократските процеси. Навистина е чудно на локални избори да се оди на три дебати на кои се разговара за локални прашања, а кога разговараме за битни државни прашања да немаме ниту една дебата“, рече Јакимовски.
Стево Пендаровски изрази уверување дека имаме доволно институционална меморија како држава и доволно политичка култура меѓу кандидатите, за да се одржи нивото на дебатата и дека интегритетот на процесот нема да биде загрозен.
Кандидатката за претседател поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска, која по вторпат потпишува ваков кодекс, вели дека станува збор за церемонијален чин и нормативен и морален илузионизам, но рече дека за време на кампањата ќе говори со аргументи и програма и ќе ги почитува сите кандидати.
Билјана Ванковска, која ја доби поддршката на Левица за да се кандидира за претседателка, рече дека Кодексот ќе го потпише, но дека не верува во ништо од „ова празно парче хартија“. И таа побара телевизиите да организираат дебати со сите претседателски кандидати.
Кандидатот за претседател на државата, Максим Димитриевски, оцени дека документот претставува само форма, но не и суштина. Најави дека ќе ги прифати сите јавни настапи со сите претседателски кандидати и посака на изборите да победи демократијата.
Позитивна кампања најави и кандидатот на ДУИ, Бујар Османи, а кандидатот за претседател на албанската опозиција, Арбен Таравари изрази надеж дека овие избори ќе бидат најфер и најдемократски избори досега.