Фер и транспарентни постапки, посветеност, личен интегритет и заедничко делување се дел од препораките за враќање на довербата во правосудството кои беа истакнати на годишната судиска конференција на тема „Квалитетно правораздавање – Предуслов за обнова на јавната доверба“.
На седмата по ред конференција која се одржа денеска во Скопје, по повод Денот на правосудството – 31 март, во организација на Здружението на судиите со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, заменик-шефицата на Мисијата, Сузан Пенкса, истакна дека скорешните времиња претставуваа значајни предизвици за правосудството.
„Крајно политизираните одлуки со недоволна транспарентност и квалитет ја затресоа довербата. Да се обединиме во нашите напори да ја вратиме довербата“, рече таа.
Според Беса Адеми, претседателка на Врховниот суд, предметите од јавен интерес се индикатор за јавната доверба. Таа потенцираше дека со заштитата на јавниот интерес се заштитуваат и правата на граѓаните.
Нагласи дека добро образложени судски одлуки, како што рече, претставуваат заштитна гаранција од арбитрарно правораздавање. За квалитетно правораздавање, како што рече, потребен е личен интегритет.
Весна Дамева, претседателка на Судскиот Совет се согласи дека интегритетот е најважното оружје кое ќе може да донесе до неселективна правда еднаква за сите.
„Само преку заедничко делување може да направиме чекор напред. Само така ќе ја вратиме довербата на граѓаните и ќе и помогнеме на нашата држава да стане дел од европското семејство“, рече Дамева.
Претседателот на Здружението на судии, Џемали Саити, посочи дека здружението активно учествувало во креирањето на дел од решенијата на судските работи, односно одлуки кои, како што посочи, ја определиле насоката на движењето на судството.
Оцени дека во повеќе домашни и меѓународни извештаи се нотираат позитивни и негативни страни, но, според него, прашање е како ги разбираме и дали постапуваме.