Црната кампања е карактерна особина на оваа влада. Не очекуваме дека ќе престане таа нивна црна кампања која изобилува со монтажи, со навреди, со многу измислици и клевети, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при посетата на Општина Гевгелија, запрашан од новинарите дали во пресрет на почеток на изборната кампања очекува фер кампања од власта.
Тој истакна дека, што се однесува до ВМРО-ДПМНЕ, нема да води црна кампања затоа што македонските граѓани знаат дека Македонија од осамостојувањето немала полоша влада, од оваа на СДСМ и ДУИ и затоа ќе води позитивна кампања со презентација на проекти и решенија за проблемите на граѓаните.
„Нашата цел е во оваа кампања да водиме позитивна кампања, односно да зборуваме за проекти и да зборуваме за решенија на проблемите на граѓаните, а не да се оптеретуваме со тоа, кој колку бил лош бидејќи сите граѓани знаат дека владата на СДСМ и ДУИ беше лоша. Односно, да бидам попрецизен, полоша влада од осамостојувањето на Македонија немало“, рече Мицкоски.
Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, кажа дека нови коалиции со партнери нема да има, а соработки со организации – се случуваат. Според него, пратеничките листи се креирани и одобрени на Конгресот.
Ги одобрија и најголемиот број коалициски партнери. Според него, опозицијата има легитимно право да предлага измени во Уставот и за реорганизација на државната управа, но за нив приоритети се уставните измени за вметнување на бугарите во уставот, како услов за продолжување на пристапните преговори со ЕУ.
Крилото на Алијанса за Албанците предводено од Зијадин Села на претстојните избори ќе биде дел од Европскиот фронт, коалицијата предводена од ДУИ.
Одлуката, како што изјави Села, е донесена едногласно, на денешната седница на Централното собрание на партијата. Прашан за понудата од ДУИ за пристапување во Европскиот фронт Села рече дека очекуваат да добијат најмалку пет пратенички мандати.
Денеска и Унија на Ромите стана дел од ДУИ. Претседателката на Унија на Ромите, Фатима Османовска и лидерот на Демократската унија за интеграции, Али Ахмети, денеска во општина Шуто Оризари го потпишаа коалицискиот договор за приклучување на Унија на Ромите кон Европскиот фронт.