Мистериозни активности: Јавниот обвинител не открива детали за постапките поврзани со лицата на црната листа на САД

​Активности се преземаат но кон кого и какви не се откриваат. Државниот обвинител Љупчо Коцевски прашан околу постапувањето на обвнителството во врска со лицата кои досега се најдоа на црната листа на САД, не сакаше да сподели повеќе детали.

Нема јасен одговор ниту на прашањето дали стапиле во контакт со американските власти за евентулно да ги добијат доказите врз основа на кои лицата се непожелни во САД.

“Било какви конкретни информации од наша страна не можеме да ги споделиме имајќи предвид дека Јавното обвинителство презема активности, меѓутоа какви активности, кон кого, не можеме да откриеме”, Љупчо Коцевски – Јавен обвинител на РМ.

Освен Стевчо Јакимовски и Катица Јанева, чии имиња се последните додадени, САД лани ја дополнија црната листа со лица кои ги сметаат за корумпирани и со поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, Сергеј Самсоненко, Орце Камчев, Ратка Камчева, а претходно на неа се наоѓаа и Рамиз Мерко, Сашо Мијалков, и Никола Груевски.

Во меѓувреме останува заглавен во собрание и Законот за рестриктивни мерки според кои лицата ставени на американската „црна листа“ нема да може да извршуваат јавна функција или да учествуваат на тендери.

Се поизвесно е дека овој закон ќе го чека следниот парламентарен состав со оглед на тоа што се уште не е ставен на дневен ред на собраниската комисија за надворешни работи чиј претседател Антонијо Милошоски побара јавна експертска дебата, а СДСМ обвинуваат дека опозицијата блокира.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*