На децата кои во последните шест месеци ја завршиле примоимунизацијата, односно вакцинацијата со три дози од ди-те-пер ќе им биде дозволено да посетуваат градинка, со напомена ревакцината редовно да ја примат после шест месеци.
Ова денеска на вонредна седница го одлучи Комисијата за заштита од заразни болести.
„Состојбата со големата кашлица не е доба, не е стабилна, а до оваа состојба сме се довеле поради неодговорното однесување на многу граѓани во изминатите години. Поразителен за државата е податокот од 50% вакцинирани деца во градинките“, нагласи претседателот на Комисијата за заштита од заразни болести, д-р Александар Петличковски.
„Од медицински, имунолошки и здравствен аспект проценивме дека детето вакцинирано со три дози во последните шест месеци, односно завршена примоимунизација ќе биде оптимално заштитено, со цел да може да продолжи да посетува градинка, со напомена дека ревакцината мора да биде примена во следните шест месеци. Имунолошкиот аспект ќе биде целосен, доколку се задоволени и двата услови“, нагласува д-р Александра Грозданова, претседател на Националниот комитет за имунизација.