Ковачевски и Ахмети први да седнат на полиграф, бара поранешниот министер за финансии Хајредини.
На јавна дебата за потребата од полиграфско тестирање на службениците кои работат на граничните премини, тој кажа дека нема против од воведување на ваква пракса, но тоа ќе биде мала работа и потенцира дека немаат морално право против корупција да зборуваат истите лица кои ги донесоа измените на кривичниот законик со кои застареа стотици кривични дела.
„На полиграф кај нас треба да се стават овие двајцата прво. Ковачевски и Ахмети. Ова не е сарказам, ниту иронија, ни демагогија. Полиграфот е контрола дали лаже човекот. Па ние сме сведоци дека тие секој ден лажат. Тие самите. Имаме примери колку сакате да земеме“ – Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.
Според поранешната прва антикорупционерка, пак, важно е и прашањето како се вработуваат лицата кои работат на граничните премини.
„Поставувањето на високи раководни структури оди преку партиски пазарења. Оттука надолу системот така и продолжува. И вработувањата на лицата кои работат на граничните премини оди повторно преку партиски пазарења. Зависно, кој е раководител на функцијата, тој си носи од својата партиска припадност лица кои нему ќе му даваат отчет, а тој ќе дава отчет на партијата“ – Билјана Ивановска, поранешен претседател на ДКСК.
На дебатата присуствуваа и полиграфисти кои кажаа дека времетрањето на тестот зависи од делото, а точноста на резултатот е над 95%. Ако се усвои предлогот, тогаш ќе треба да се формира посебна институција под капата на Собранието, за да се исклучи политичко влијание.
Еднаш годишно и полиграфистите ќе одат на тестирање за да се провери и нивната чесност. Откако ќе завршат јавните дебати, до Владата ќе бидат доставени конкретни предлози за законски измени.