Како до целосна автокефалност на МПЦ-ОА, задржување на верници, падот на моралните вредности, влијанието на религијата на современите текови беа темите на кои дебатираа професори и црковни лица на Филозофскиот факултет.
Руското влијание е инфилтрирано во нашата црква, може да има сериозни последици, вели професорот Ѓуровски. Кога ќе ви кажат НАТО земји- членки дека имате соработници дома, ви шетаат во архиепископијата и остваруваат контакти, треба да се замислите – вели професорот Марјан Ѓуровски од Филозофскиот факултет.
„Оние кои држеа литургии во македонските цркви, денеска имаат забрана и се прогласени за „персона нон грата“, од скоро сите НАТО земји-членки на Алијансата, оттука со нив се остваруваат контакти на тајни средби. Јас изразувам голема загриженост и тоа претставува голем безбедносен ризик, не можеби сега веднаш, но долгорочно ќе ги имаме последиците“, изјави проф. Ѓуровски.
Народот треба да го слуша официјалниот став на црквата. Сѐ што доаѓа од поединец треба да биде сфатено со резерва, апелира отец Митевски.
„Црквата е над сè што е од овој свет и затоа таа треба да се проектира според она што е запишано во евангелието, доколку сака да биде црква, а не да биде една од институциите“, изјави отец Митевски.