Кој е за европскиот пат, а кој за изолација. Реални погледи на решавање на проблемите, и поголем стандард за граѓаните. Се исцртуваат контурите на изборните кампањи. Се нудат решенија, но и обвинувања.
“Европскиот пат е иднината на Македонија, нема дилема дека граѓаните направија многу отстапки за тој пат”, одговара Христијан Мицкоски на прозивките на неговиот политички ривал, Димитар Ковачевски.
За лидерот на ВМРО-ДПМНЕ има два концепти, едниот, вели, е тој да продолжи криминалот и корупцијата со Ахмети и Ковачевски, а другиот е реформски со ВМРО-ДПМНЕ. Прашањето на овие избори е дали ќе продолжиме по европскиот пат и ќе станеме европска држава, со европски стандард или ќе се вратиме назад во изолација и во мрачното минато, вели Ковачевски.
“Единствениот вистински начин да ја промениме нашата земја на подобро, зависи од континуираните реформи кои водат кон членство во ЕУ. Ова е единствената можна светла македонска иднина”, порачува шефот на социјалдемократите.
Партиите веќе се забревтани на непочната изборна кампања. Изборните листи веќе се пред затворање. Во ВМРО – ДПМНЕ останува да го решат носителот во петката, останатите се познати: Мицкоски во кецот, Мисајловски во двојката, Ковачки во тројката, Николоски во 4ката Дафина Стојаноска во шестката.
И СДСМ деновиве работат на составување на листите. На Мицкоски во првата изборна единица ќе му се спротивстави Димитар Ковачевски, додека во втората најверојатно носител ќе биде Сања Лукаревска.
Потенцијални носители во третата се Оливер Спасовски и Љупчо Николовски, додека во четвртата Венко Филипче. Во петката се очекува да биде Јован Митрески, а во шестката, Славјанка Петровска. Рокот за внатрепартиски анализи и пазарење истекува на 2 април на полноќ, до кога кандидатските листи треба да се поднесат до Државната изборна комисија.