Обвинение за градоначалникот Мерко: Злоупотреба на службена положба при купувањето на ‘ауди’

Струшкиот градоначалник, Рамиз Мерко, се соочува со кривична одговорност по поднесено обвинение за набавката на автомобил „ауди“.

Шефот на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази, на брифинг со новинарите рече дека обвинението е по иницијатива на Антикорупциската комисија, а казната затвор за ова дело е до пет години.

Таткото на Струга, кој е на „црната листа на САД“ е обвинет за злоупотреба на службената положба. Купил автомобил вреден 67 илјади евра во период кога општината пливаше во долгови, а тоа го потврдила и ревизијата.

Од Обвинителството велат дека по допрен глас е отворен предмет и за случајот „Бехтел и Енка“. Од институциите е побарана документација, таа е пристигната во Обвинителството и во овој момент се анализира. Се проверуваат трансакциите, изборот на фирмата за надзор како и договорот со конзорциумот.

Од Обвинителството велат дека е потребно време за да проучи обемниот материјал, бидејќи само еден истражител работи на предметот. Во врска со криминалните група од Грчец, вплеткана во меѓународна трговија со дрога, од Обвинителството посочија дека е распишана меѓународна потерница за оние кои се недостапни, а опфатени со кривичната пријава. Се чека и екстрадиција на едно лице.

За случајот познат во јавноста под името „Виа Комерц“ против поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, обвинителството утврдиле дека нема простор за негово кривично гонење за злоупотреба на службена положба и овластување.

Станицата за технички преглед „Виа Комерц“ имала решение за исправност на автобусот на „Беса Транс“ кога се случи несреќата на автопатот во Бугарија кога загинаа 46 македонски државјани од кои 12 деца. Според обвинителството, за утврдување на вина е потребно постоење на причинско последична врска, односно да е направена штета за државата. Се утврдило дека автобусот немал технички проблеми за време на несреќата.

Екс шефицата на обвинителството, Вилма Русковска претходно изјави дека комисијата во МВР уште во јули донела решение станицата за технички преглед „Виа Комерц“ да биде затворена, но Спасовски не го потпишал тоа решение.

Во фаза на предистрага е и случајот за продажбата на ТЦ Соравија во кој се проверуваат повеќе сомненија за сторени кривични дела.

Наскоро се очекува одлука дали ќе има обвинение за случајот Еуростандард Банка откако по речиси две години обвинителите го добиле вештачењето кое е доставено до одбраната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*