Пратениците, министрите, судиите, јавните обвинители и другите избрани и именувани функционери нема да добијат ново покачување на платите во износ од 300 до 500 евра.
СДСМ предлага да им се ограничат наместо да се усогласат со растот на просечната плата. Доколку не се донесат измените на шест закони, над илјада функционери ќе добијат плати повисоки за 15,3 одсто.
Се предлага коефициентот на трите први функции во државата: претседател, спикер и премиер, да се намали од 4,50 на 3,91. Пратениците не се исклучок.
Со овие измени нивните плати нема да се намалат, туку ќе останат на сегашното ниво. Костовски тврди дека тоа е единственото уставно решение. ВМРО-ДПМНЕ начелно ја поддржува идејата да се бара решение за ограничување на платите.
Но, конкретните забелешки ќе ги каже кога ќе го види текстот на предложените измени. Функционерските плати драстично пораснаа лани во март и април.
Одлуката на Уставниот суд со која се укина фиксната основица за правење пресметки овозможи покачување од 78 одсто. Тогаш, усогласувањето беше според просечна плата од 35 илјади денари. Новото усогласување оваа пролет треба да биде со декемврискиот просек кој, според Статистика, изнесува 40 илјади денари, или, еден множител наречен основица – поголем за 5 илјади денари.