Потребни се 10.000 потписи за претседателска кандидатура или 30 потписи од пратеници. Вториот услов го исполнуваат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Подрачните единици на ДИК каде што се собираат потписите ќе работат во две смени.
Активностите на кандидатите веќе почнаа. Билјана Ванковска ја побара поддршката од граѓаните. Рече дека државата има обврска да ги направи и поголемите и помалите партии еднакви.
„Да ни дадат еднаква можност да се презентираме себе си со нашите програми, со нашите знаења, со нашите визии за Македонија, затоа што играме во една трка која нема да биде чиста и не е чиста од првиот ден. Јас сè уште не сум никаква закана, доколку не ги соберам тие 10.000 потписи. Доколку некој веќе ме чувствува како закана, тогаш јавноста треба да се запраша зошто е тоа така“, изјави кандидатката на Левица за претседател на државата, Билјана Ванковска Максим Димитриевски упати критики до ДИК.
Малку информации, вели, за тоа каде се нивните канцеларии и ги нема доволно во сите општини.
„Нашата цел е да воведеме нов концепт, да воведеме нови стандарди, бидејќи Македонија тоа го заслужува. Македонија мора да излезе од црно-сивиот свет и единствено тоа можат да го направат граѓаните, доколку се одважат“, рече лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски.
За Мерсиха Смаиловиќ, вистински предизвик е претседателската кандидатура. Тест за демократската свест.
„За мене, патриотизмот во најширока смисла, е борбата секој мој сограѓанин, секој мој пријател да живее подобро од денес и да се чувствува дека припаѓа на оваа држава и дека е испочитуван од оваа држава. Тоа е вистинската смисла на патриотизмот, којшто сите ние го чувствуваме во себе“, нагласи Мерсиха Смаиловиќ, претседателски кандидат на Бошњачкиот демократски сојуз.
ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ на конвенција и на конгрес, на 2-ри и 3-ти март ќе ги промовираат своите претседателски кандидати. Осми март е последниот ден кога граѓаните ќе може да се потпишат во канцелариите на ДИК и да го дадат својот потпис за еден од претседателските кандидати.