Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски денеска оствари средба со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, на која се дискутираше за повеќе тековни активности.
Коцевски го запозна Тошковски со активностите на Комисијата за следење на нерегуларностите кои евентуално би биле сторени при организирањето и спроведувањето на претстојните избори, како и со дадените насоки до сите јавни обвинителства за приоритетно постапување во сите предмети поврзани со нарушување на изборниот процес.
Притоа беше нагласена потребата од тесна координација и соработка со Министерството за внатрешни работи и со Оперативниот штаб во МВР за следење на текот на изборите.
Министерот за внатрешни работи го извести Јавниот обвинител на РСМ за проблемот со издавањето на личните документи и за напорите за негово надминување.
Тошковски најави дека ќе направи внатрешна анализа на постапките и чекорите во рамките на МВР и ќе ја достави до обвинителството заедно со целокупната документација поврзана со активностите кои довеле до неможност за навремена замена на личните документи на граѓаните.
Коцевски нагласи дека обвинителството ги следи состојбите, ги проверува наводите во поднесените кривични пријави и доколку бидат утврдени обележја на кривично дело ќе постапи согласно своите законски надлежности.