Држачите на старите пасоши сеуште не знаат во кои од земјите членки на ЕУ граѓаните можат да заминат со важечки пасош но со старото уставно име.
Тошковски вчера рече дека македонскиот пасош со старо име се употребува во Германија, но Дојче Веле повикувајќи се на дипломатски извори објави дека со пасошот без уставното име не може да се влезе во Германија, доколку патникот доаѓа од Македонија или од трета држава.
Канал 5 побара одговор од Министерството за надворешни во кои земји членки на Унијата граѓаните со непроменети а важечки пасоши може да патуваат, но од таму досега не одговорија.
Дополнителниот заменик – министер за внатрешни Бојмацалиев пак очекува став директно од Брисел да се расчистат забуните кај граѓаните.
„ЕУ треба да донесе став, дали ќе ги прима граѓаните со старите пасоши кои по наш закон повеќе не се во важност. Има одредени држави кои уште ги примаат граѓаните, одредени не. Не сакам да кажувам имиња, за да не направиме забуна меѓу граѓаните. Најдобро е граѓаните да ги искористат капацитетите на МВР, да дојдат и да земат нова патна исправа. До овој момент над 1.300.000 граѓани ги сменија патните исправи, што е значителна бројка, ако ги земеме предвид политичките инструкции кои ги имавме изминатите три години”, изјави Бојмацалиев.
Нејасно е како ќе постапуваат и останатите еропски земји кои не се членки на ЕУ. Единствено за Швајцарија министерот за надворешни кој деновиве е во посета на неколку македонски конзулати, рече дека им е дозволено на нашите државјани да патуваат со старите исправи, но не појасни дали за влез во Швајцарија или за излез.
Во врска со проблемот околу недостатокот на обрасци од МВР вчера информираа дека пред неколку дена се добиени 20 илјади обрасци , а до крајот на месецот и во јуни се очекува поголема пратка.