Законот за игри на среќа, не може повторно да се врати пред пратениците со европско знаменце, туку само во редовна процедура, објасни претседателот на државата, Стево Пендаровски, откако одби да го потпише указот.
Ваквата негова постапка наиде на критика од ДУИ од каде коментираат дека образложението дека европското знаменце било злоупотребено е приказна за мали деца. Но, Пендаровски уште еднаш повтори дека добил писмена забелешка од ЕУ.
“Јас не мислам дека писмен допис од Брисел, било кого тука во земја кандидат, која преговара за членство во ЕУ, може да се каже дека е приказна за мали деца. Според мене тоа е сериозно укажување кое не би смеело како однесување да го повторуваме понатаму. Значи мора да има прецизна европска директива со број и датум кога е донесена. Во овој случај такво нешто нема, затоа треба Законот да оди во редовна процедура и да не трае само два три дена целата расправа, само тоа е. Не велиме дали е добар или лош законот како содржина, може да биде одличен, но велиме мора да се однесуваме како Европа, пред да бидеме во Европа“, Стево Пендаровски, претседател на РСМ.
Денес, својата разочараност преку писмо до претседателот ја искажаа од Движењето Антикоцкање, кое со години се залага за дислокација на објектите на игри на среќа.
„Со вашата постапка, наводна злоупотреба на европското знаме, го легализиравте перењето на валкани пари и во име на европските стандарди го штитите сомнителниот капитал, кој ја задушува нашата држава“- Движење Антикоцкање.
Вчера, пак, одлуката на претседателот ја поздравија од Асоцијацијата на спортски обложувалници, при што велат дека ова е уште една потврда дека немало правна основа, додека од Здружението на вработени во сектор игри на среќа „САКАМ ДА РАБОТАМ“ сметаат дека со неа се заштитени Уставот и европските вредности и дека 10 илјади семејства може да здивнат.