Предизборна кампања на државна сметка или извршување на тековните работни задачи? Техничкиот премиер Џафери, придружуван од вицепремиерот Груби, министрите Бесими, Бектеши, Бочварски, како и директори на јавни институции го означија почетокот на изградбата на обиколницата околу Тетово.
Владините претставници решија дека токму денеска, на ден пред распишување на изборите механизацијата треба да излезе на терен. Сепак, договорите за изградба и надзор на обиколницата се потпишани уште лани во септември и октомври. Двата договори за првата фаза се во вредност од нешто помалку од 12,5 милиони евра, или 2,3 милиони евра за еден километар пат.
Но за Џафери, чија улога како технички премиер, е да организира фер и демократски избори, нема ништо спорно што на ден пред распишување на изборите промовира почеток на капитална инвестиција. Вели, обиколницата е деценицка идеја која е важна за тетовци.
Но техничкиот премиер не е единствениот кој ја почна предизборната кампања. Доскорешниот прв човек на владата Ковачевски заедно со доскорешниот министер за внатрешни, Оливер Спасовски денеска беше на средба со пензионерите во Куманово.
Ниту претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски не е имун на предвремена изборна промоција. Тој во неделата заедно со градоначалникот на Бутел беше на увид на градежни работи на уредување на коритото на реката Серава.