Замената на возачките и сообраќајните дозволи поради промената на уставното име од утре ќе се врши бесплатно, а без надомест ќе бидат издавани и патните листови на нашите државјани во странство, а треба да се вратат поради промена на личните документи.
Во државите каде нема дипломатско конзуларни претставништва издавањето на патните листови ќе биде он-лајн и со достава преку пошта. Најавена е и награда со исплата на една плата за вработените во управните служби за ангажманот при издавањето документи.
Одлуките што ги донела денеска Владата ги соопштија на прес-конференција вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев. Одлуките на Владата се донесени по решенијата што ги донела Работната група која пред две недели доби задача да најде решение за сообраќајните и возачките дозволи, патните листови и се што е поврзано околу менувањето или предвременото менување на документи заради законските одредби по уставните измени и промената на името на државата.
Но, дали граѓаните кои навремено извадиле возачки се дискриминирани со оваа одлука? Вицепремиерот Битиќи вели – ДА, но додава дека се проверува можноста на возачите да им се надоместат парите што ги дале за да извадат нов документ.
Изменет е исто така и Правилникот за налепници „НМК“ на возилата, рокот е продолжен до 31 декември 2024 Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека до 31 декември 2024 е продолжен рокот за ставање налепница на која е испишана ознаката „НМК“ односно за замена на регистарските таблички кои ја содржат ознаката „МК“ и на оние кои немаат никаква ознака. МВР наведува дека тоа е утврдено во измените на Правилникот за формата и содржината на образецот на барањето за издавање на пробните таблици, формата и содржината на регистарските таблици и на пробните таблици на возилата, како и начинот и постапката на нивно издавање, кои вчера (12 февруари 2024) се објавени во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
“Исто така, ги информираме оние граѓани кои ќе бидат спречени од страна на граничните полициски службеници да направат излез од државата поради тоа што поседуваат патна исправа со името „Република Македонија“, дека можат да побараат писмено известување во кое ќе бидат наведени причините поради кои се оневозможени да направат излез”, соопшти МВР.