Ако нема налепници со НМК ние ќе ги направиме, Стопанската комора нуди помош, а со писмо ќе бара решавање на хаосот со документи 12.02.2024 15:20 Најголемата комора во земјава со писмо до премиерот, Собранието и МВР, ќе бара итно да се реши проблемот со издавањето на сообраќајните и возачката дозвола на извозниците.
Од утринава 100 тина компании се обратиле до нив. Стравуваат дека поради ваквиот хаос ќе настане тотална блокада да економијата.
“Во државата да продолжи да важат возачките барем во рокот до кога тие важат во локалниот транспорт. Сигурно не можеме да излеземе надвор за обврските кои ги презела државата во меѓународниот сообраќај”, вели Антони Пешев, извршен директор на Стопанска Комора.
Од комората се понудија и да помогнат во обезбедувањето на нови пунктови за сликање и издавање на документи, формирање на приоритетни листи и брза лента. Се понудија дури и да ги испечатат налепниците со ознаката НМК.
Пензионираниот професор по административно право, Борче Давитковски смета дека оној што нарачувал обрасци за лични документи во 2019 година со старото уставно име, веднаш треба да биде повикан во обвинителството да даде отчет.
„Според мене, јавниот обвинител уште денеска треба да го повика оној кој што во 2019 година нарачувал стари обрасци кои што беа во употреба до 2021 година. И сега на крај, тогаш кога се велеше дека ќе продолжат да важат, а се знаеше дека нема да важат, бидејќи тоа е меѓународен договор, тој треба да биде повикан од јавниот обвинител и да даде отчет, бидејќи на овој начин се кршат многу на граѓаните. И тоа уставно загарантирани права“, изјави Давитковски во изјава за Телма ТВ.