Измените на Законот за рестриктивни мерки не може да бидат противуставни затоа што ако го дефинирате начинот на кој што ќе се постапува со лицата и компаниите кои ќе се најдат на „црната листа“ на САД и Обединетото Кралство, и таа е врзана со веќе постоечкото македонско законодавство, тогаш не може да бидат противуставни, смета вицепремиерката задолжена за политики на добро владеење Славица Грковска.
“Сметам дека треба да бидеме свесни дека стратешкото партнерство со САД е клучно за нашата држава. Ако САД биле наш недвосмислен поддржувач, историски гледано наназад, за постигнување на сите наши стратешки цели, и како народ и како држава, тогаш истото би требало да се однесува и кога станува збор за борбата против корупцијата и организираниот криминал. Сметам дека во најмала рака е несериозно ние да очекуваме од нашите стратешки партнери да поднесуваат посебни барања, како што налага актуелниот закон, наместо доколку се објават листи и компании на црната листа веднаш да се процесуираат во нашиот правосуден систем”, рече вицепремиерката Грковска во вечерашното гостување во „Топ тема“ на телевизија „Телма“.
Според неа, иницијативата со овој закон е да се поттикнат правосудните органи да бидат поефикасни и да го работат она што се очекува од нив. Грковска посочи дека и по допрен глас може обвинителството да реагира, но за жал не сме виделе ниту еден чекор помрднување во таа насока.
“Ние сме свесни дека ваквите решенија предизвикуваат вознемирување во онаа мала група на луѓе која што е научена да се однесува со државата како што сака. Фактот дека и сѐ уште бегалецот од правдата Груевски од Будимпешта се јави да реагира и да се повикува на суверенитетот на државата, сакајќи да се спротивстави на ваквите решенија, само зборува за тоа дека иницијативата којашто ја покренавме и законските решенија кои што ги направивме ја погаѓаат целта”, вели Грковска.
„Законот за рестриктивни мерки помина повеќе стручни филтри, на него работеше и тим во министерството за надворешни работи како предлагачи на законот, беа вклучени претставници од кабинетот на министерката Грковска, сите имавме увид во тоа. Овој закон е добар чекор во вистинска насока затоа што граѓаните очекуваат сериозна борба против криминалот и корупцијата“, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на заедничка прес-конференција со пратеникот на Германскиот Бундестаг Јосип Јуратович.
Тој додаде дека ставањето некого на црна листа не значи автоматски ништо во нашиот систем, но дека сега има уреден сет на чекори, како некој кој што се нашол на таа листа да биде третиран од нашите институции.
„Нашата цел и целта на овој стратешки дијалог кој го имаме со САД е нашите институции да имаат начин и да ги сфатат индикациите сериозно и да постапат согласно нив, нормално почитувајќи ги сите стандарди, презумпција на невиност и се она што опфаќа една кривична постапка“, потенцираше Маричиќ.