Џафери на средба со амбасадори на ЕУ: Поддршка за определбите за спроведување фер и демократски избори Амбасадорите на земјите членки на Европската унија во државава денеска на средба со премиерот во техничката Влада Талат Џафери изразиле поддршка за определбите за спроведување фер и демократски претседателски и парламентарни избори, како и за најавениот континуитет во политиките и соработката на домашен и надворешен план, согласно европската агенда, информира владината прес-служба.
На првата средба на техничкиот премиер со амбасадорите, биле разменети мислења за продолжување на реформската агенда на Владата во претстојниот период, следните чекори врзани за изборниот процес, процесот на уставни измени и владините економски политики.
Џафери ги информирал амбасадорите за програмата на Владата во претстојниот период во насока на обезбедување континуитет на владините политики и активностите врзани за организирање на претстојните претседателски и избори за пратеници во Собранието.
Истакнал дека е одлучен, како што стои во соопштението, Владата што ја предводи да одговори на законската обврска да спроведе фер и демократски изборен процес, согласно највисоките европски стандарди и практики.
Амбасадорите на земјите-членки на ЕУ во Скопје, покрај честитките за изборот на премиерот Џафери и за новиот владин состав, изразија силна поддршка за определбите на премиерот и на Владата за спроведување фер и демократски претседателски и парламентарни избори, како и за најавениот континуитет во политиките и соработката на домашен и надворешен план, согласно европската агенда, се наведува во соопштението.