Лога: Нема Да Дозволиме Распад на Алијанса

Со стара фотографија на која се сите заедно, министерот за правда се обидува да ги смири страстите по синоќешните и утрински инциденти во Алијанса за Албанците.

На фејсбук им се обрати на членовите и на поддржувачите, уверувајќи ги дека партијата е отворена за сите. Лога од синоќа споделува групни фотографии, и пишува дека нема да дозволат да се оствари предвидувањето на опозицискиот лидер, Христијан Мицкоски, кој говорејќи за можни партнери на ДУИ, во интервју ги употреби зборовите „и тоа што ќе остане од Алијанса за Албанците“.

Со пребројување продолжија и екс претседателот Зијадин Села,како и актуелниот претседател, Арбен Таравари. Првиот споделувајќи фотографија од „големата партиска куќа Алијанса“ ,а вториот од „чудото од народ за промени“ што тврди дека го има на своја страна.

Таравари денеска сподели писмо со поддршка на мнозинството од 19 –мината членови на Академијата на партијата, која е стратешко-советодавно тело за партиска политика.

На писмото се потпишани и пратеникот Халил Снопче и министерот за информатичко општество, Азир Алиу кој, покрај министерот за здравство, Фатмир Меџити, е вториот министер кој застана на страната на Таравари. Но, Лога отворено го поддржува Села, а оваа поделба може да го загрози и функционирањето на техничката влада.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*