Бујар Османи: Законот за рестриктивни мерки не е политичко, туку административно повлекување

Шефот на дипломатијата Бујар Османи, кој минатиот месец започна јавна расправа за измени на Законот за рестриктивни мерки со кои и американската „црна листа“ ќе биде основа за воведување на мерки од државата врз лица и фирми, синоќа во интервју за ТВ 21, кажа дека нема политичко повлекување на Законот, туку тоа е административно, бидејќи беше условно донесен Законот и сега новата Влада треба да го потврди.

“Во сегашното законско решение како основ за воведување на рестриктивни мерки од страна на нашата држава се три основи, тоа се задолжителни резолуции на Советот на безбедност на ОН, акти, правни акти на ЕУ и билатерални акти на други држави но само за тероризам и квалиферација. Сега додаваме дека за овие цели, безбедност, меѓународен мир, борба против корупцијата, злоупотреба на службена должност, како основа за донесување на рестриктивни мерки ги земаме и правните акти на САД и правните акти на Обединетото Кралство, со тоа што понатаму се разглобува која е процедурата за донесување на правните акти”, рече Османи.

Тој додаде дека во актуелното решение како видови рестриктивни мерки се ембарго за оружје, забрана за влез, финансиски мерки. Сега, посочи, додаваат покренување на кривична постапка и преземање на мерки за обезбедување.

“Кога ќе има ваков правен акт, МНР, МВР и ЈО предлагаат до Владата да донесе одлука и за наши рестриктивни мерки. Ако е за корупција, злоупотреба на службена должност Владата е должна, односно органот што предлага да ги однесе сите факти што ги има собрано од изворот на рестрикцијата до ЈО. ЈО е должно да отвори кривична постапка и ако покрене обвинение, и судот го прифати тоа обвинение, тогаш Судот може да донесе привремени мерки за обезбедување – забрана за вршење јавна функција, вклучувајќи и кандидирање на избори и конфискација на имот и други финансиски мерки”, посочи Османи.

Тој додаде оти е точно дека Министерството за правда имало негативно мислење за првичното решение, посочувајќи дека мора да има судска одлука, и затоа се направиле дополнителни измени.

Од Министерството за правда вчера за МИА потврдија дека министерот за правда Кренар Лога ја поздравува одлуката на Владата за повлекување на Законот за рестриктивни мерки, со оглед на тоа што претходно Министерството дало негативно мислење и укажа на низа законски пропусти во предложеното решение.

Од Министерството посочуваат дека предложеното дополнување на наведениот Закон со кое би можеле да се воведуваат, изменуваат и престануваат рестриктивните мерки врз основа на „правни акти на САД и правни акти на Обединетото Кралство“ беше во спротивност со уставниот поредок и суверенитетот на Северна Македонија.

Министерството за правда смета дека воведувањето на рестриктивни мерки со одлука на Владата врз основа на сомневање, не е во согласност со Уставот и со системот на казненото право воопшто, велат оттаму за МИА.

Поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, пак вчера порача дека не треба да се повлече Законот за рестриктивни мерки. Тој ја даде својата поддршка за носење на овој Закон и посочи дека стратешкото партнерство со САД е значајно за развој на македонското општество.

17 јануари 2022 За опозицијата, пак, повлекувањето на предлог-законот е обид да за заштитат функционерите од Владата на СДСМ и ДУИ кои треба да бидат казнети. Портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева вчера на прес-конференција праша од што се плашат СДСМ и ДУИ.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*