Билјана Ивановска: ДКСК ја заврши својата работа, но одговорноста лежи на другите институции

Ние својата работа си ја завршивме, имаме 56 иницијативи за поднесување кривични пријави, а тоа што ниту една не е покрената е одговорност на другите органи во државата, рече Билјана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за петгодишниот мандат на овој состав.

Ивановска и членовите на Антикорупциската комисија сметаат дека ја вратиле довербата во оваа институции и поставиле систем кој понатаму ќе им ја олесни работата на новите членови.

„Не сме ние криви што никој не постапува. Дали една птица ја прави пролета? Не, треба и другите органи да постапуваат, да се гони корупција не е доволно само ние и Државниот завод за ревизија да постапуваме. Не можеме да преземеме одговорност за сите, секој треба да си исчисти пред својот двор. Еве на пример, ние поднесовме иницијативе за кривично гонење за струшкиот градоначалник Рамис Мерко и бизнисменот Кочо Анѓушев, но предметите ни беа вратени. Неколку месеци подоцна, двајцата беа ставени на црна листа од САД. Тоа значи дека нашата работа и сомневање биле точни“, рече Ивановска.

Во изминативе пет години, овој состав на Антикорупциската комисија отворил 5.283 предмети, од кои 2.872 од областа на корупцијата, 888 од областа на судир на интереси, 144 од областа на забрани во текот на изборниот процес и 1.379 поврзани со проверка на имотна состојба.

Издадени се 898 платни налози за прекршувања на законот и во буџетот на државата се влезени околу 8 милиони евра од наплатени глоби.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*