Во стоте дена техничка влада, ВМРО-ДПМНЕ ќе работи на консолидација на гласовите против владата која што ја предводат СДСМ и ДУИ се до обезбедување на 61 пратеник – првиот човек на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски на дебата „Важно е“ ги промовираше петте министерски и заменички имиња во техничката влада.
Најавува целосна трансформација на Македонија со различно водење на институциите, работејќи чесно, посветено и без коруптивни скандали.
МВР како една од клучните институции ќе ја преземе адвокатот Панче Тошковски. Вели дека полицијата повторно ќе биде сервис на граѓаните и најавува измени на Законот за патни исправи за да се продолжи рокот за издавање и да се скрати, како што рече, малтретирањето на граѓаните.
Ѓоко Велковски како нов министер за труд и социјална политика во следните сто дена најавува враќање на достоинството на граѓаните. Пензионерите да ги добијат пензиите, а во фокусот на неговата работа вели ќе биде обезбедување на нормален животен стандард за сите граѓани.
Администрацијата нема да се полни со партиски вработувања пред избори, вели Стефан Андоновски, како иден заменик министер за информатичко општество во техничката влада. Редовната исплата на субвенциите и пензиите, но и стопирање на злоупотребата на јавните набавки се фокусот на новата заменичка во финансии, Елена Петрова.
А земјоделците ќе ги добијат сите ветени субвенции и исплати, а Македонија нема да биде веќе увозно зависна земја, најави Цвтеан Трипуновски. Мицкоски уверува дека ВМРО-ДПМНЕ нуди професионалци кои имаат обврска да обезбедат кредибилен изборен процес.