МИОА: Предложените закони за администрација врвен интерес, требаат брзо усвојување

Не може да има систем ако истиот зависи од индивидуи и нивните желби. Тогаш системот се гуши во кал.

Пакетот закони кои Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) ги предлага, мора да се донесат час поскоро, бидејќи тоа е од врвен интерес, порача Азир Алиу кој раководи со МИОА.

„Ваков став треба да имаат сите пратеници. Изминатиот период работевме на цел пакет на закони, се со цел да ја унапредиме законската регулатива во делот на администрацијата. Предлог законите се во целост во согласност со трите столба на програмата на ЕУ, Македонија има потпишано документ со кој се обврзува да ги имплементира истите. Одложувањето на донесувањето на законите ја попречува неопходната реформа на јавната администрација, а тоа е главен услов на ЕУ“, изјави Алиу на денешната прес-конференција.

Целта, како што истакна, е мотивирана и деполитизирана јавна администрација. Тој изрази подготвеност веднаш да разговара со сите пратеници за тие закони, но не откри дали ТВ Алсат е медиумот поради кој се блокира Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, а со тоа и целиот пакет европски закони.

Алиу тврди дека нема информации зошто воопшто се блокира било кој од законите. Вели дека освен како министер, тој има обврски и спрема Алијанса за Албанците како партија која што го предложила да биде министер.

Не можел да каже дали ќе даде оставка, без таквата одлука да е поткрепена и да ги помине сите филтри. Потврди и тој дека се слушнал со премиерот Ковачевски и дека добил уверување дека законите на 30 јануари ќе бидат ставени на пленарна седница.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*