Таткото на убиената Вања Ѓорчевска, останува во притвор во Истражниот затвор во Шутка. Кривичниот суд го одби барањето на неговата одбрана за замена на мерката притвор со куќен притвор.
Александар Ѓорчевски беше уапсен на почетокот од декември, откако останатите осомничени посочија дека тој му давал информации на првоосомничениот Љупчо Палевски – Палчо за движењето на неговата ќерка.
Пред две недели, адвокатот Владимир Туфегџиќ побара куќен притвор „за да се задржи кохезијата на семејството погодено од оваа трагедија“.
Барањето уследи по објавата на контроверзниот српски политичар Срѓан Ного на видео материјал со кој тврди дека Ѓорчевски е неправедно осомничен и дека тој всушност го решил убиството на ќерка му. Обвинителството ги чека вештачењата на прибраните материјални докази кои треба да ја покажат вистинската улога на Ѓорчевски во киднапирањето на девојчето.
Вања беше пријавена за исчезната на 27 ноември, велешанецот Панче три дена порано, а телата на двајцата убиени беа пронајдени на 3 декември, за што се осомничени 5 лица.