Две драфт верзии за акцискиот план, Османи на средба со Габриел

Акцискиот план за малцинствата ќе биде дел од дебатата за уставни измени. Ова го објави денеска шефот на дипломатијата Османи.

Порача дека документот, кој Македонија е обврзана да го направи според преговарачката рамка со ЕУ, ќе биде поврзан со дебатата за промена на уставот, за како што кажа – граѓаните да сфатат дека не се тоа сукцесивно нови прашања, кои се отвораат во однос на малцинските и човековите права, туку еден пакет.

“Само Акцискиот план во односите со Бугарија е прашање од кое што зависи отворање и затворање на поглавјата. И затоа сме многу внимателни со Акцискиот план. Имаме верзија една, втора, трета. Меѓутоа немаме финална верзија, затоа што сакаме јавна расправа, а не сакаме таа да биде одвоена со расправата за уставните измени”, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Османи најави дека во следниот период ќе има средба и со неговата бугарска колешка Марија Габриел, која, пак наскоро ќе седне на премиерското столче на Николај Денков.

“Јас сум имал неколку средби со Марија Габриел во различни формати. Знаете дека бизнис форумите кои што ги организираат министерствата за надворешни работи стануваат на некој начин традиционални. Последното беше во Скопје. Сега е редот овој бизнис форум да биде во Софија. Сега работиме кога би можеле да го организираме овој форум и тоа ќе биде можност за средба, но останува прашање кога ќе се усогласат двете министерства”, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Експертите, во последните неколку месеци предупредуваат дека и со спроведување на уставните измени, Брисел ќе мора да балансира помеѓу Скопје и Софија поради различната интерпретација на преговарачката рамка со ЕУ. Порачаа и дека степенот на идни блокади од страната на Бугарија ќе зависи од политичката сцена во Софија.

Македонија засега е и во невозможна мисија за спроведување на уставни измени. Заглавена е заедно во пакет со Албанија. Заедно чекаат подобро европски ветришта.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*