Aмбасадорот на Белгија за Македонија, Фредерик Меурис, ги објави приоритетите на белгиското претседателство за нашата држава порачувајќи дека Брисел ќе биде чесен посредник и дека она што знае – е да прави добри компромиси.
“Од јануари 2024 година,Белгија го презеде од Шпанија претседавањето со Советот на Европската унија. Тоа значи дека во следните шест месеци Белгија ќе биде на возачкото седиште на едно од главните тела за одлучување на Унијата. Мојата земја ќе има можност да придонесе многу за напредокот на европската идеја и проект. Тоа е мисија која Белгија ја презема со чувство на одговорност и со чувство на амбиција. Знаеме дека сме искусни (ова е 13-ти пат Белгија да го има ова претседателство) и веруваме дека другите земји на ЕУ не доживуваат како посветен и доверлив партнер. Знаеме за компромиси, како да ги поттикнеме и како да ги направиме прифатливи. Овие елементи треба да ни дадат способност да дејствуваме и да бидеме прифатени како чесен посредник. Ако ова е вистина, Белгија ќе донесе многу вредно богатство на масата на Претседателството”, најави амбасадорот.
Конкретно за Западен Балкан и за Македонија тој најави дека белгиското претседателство ќе работи максимално што може за да постигне напредок во процесот на проширување.
Притоа ги наброја трите главни цели: „Ќе свикаме Меѓувладина конференција со Северна Македонија штом ќе се исполнат условите; ќе се погрижиме новиот План за раст за Западен Балкан и неговите многубројни придобивки за регионот да биде подготвен да функционира и да се спроведе и ќе ги разгледаме сите можности што ги нуди Постепениот процес на интеграција и ќе ги направиме реалност“.
Амбасадата на Белгија во Северна Македонија, порача амбасадорот Меурис, со нетрпение го чека придонесот што може да го даде за да помогне во материјализирањето на овие амбиции.
“Тие можат само да му служат на народот на Северна Македонија и да го доближат уште повеќе како дел од европското семејство”, порача Меурис, кој ја покрива Македонија од Софија.