Ковачевски не е против пролонгирањето на рокот за вадење лични документи

Премиерот Димитар Ковачевски е свесен за гужвите за нови пасоши и лични карти со уставното име. Тој рече дека ќе се консултира со двајцата министри со кои разговарал претседателот Стево Пендаровски за пролонгирање на рокот до 12-ти февруари.

“Верувам дека и претседателот може да се слушне со претседателката на Грција. Ќе поразговараме на седница на Влада за можноста да се направи тоа. Претседателот Пендаровски најдобро знае бидејќи беше директно вклучен во подготовката на Преспанскиот договор. Зошто да не?”, одговори премиерот по отворањето на поликлиниката Сарај.

Претседателот на Владата сепак нагласи дека ова е обврска од потпишаниот договор со Грција. -Се работи за законски решенија кои се направени во Собранието, а Владата може само да го олесни процесот.

МВР отвори поголем број на пунктови и вработени, но ќе треба да се зголеми нивниот број уште повеќе.

Да направите законски измени без согласност на сите кои се потпишани, не би било така едноставно и не знам дали би било применливо, додаде Ковачевски.

И Демократскиот сојуз денес предлага Владата да предложи измена на законите со кои ќе се продолжи рокот за замена на личните документи – не до септември туку до крајот на оваа гoдина.

“Замената на лични документи е согласно Договорот потпишан во Преспа, помеѓу Македонија и Грција, но повеќе од јасно е дека нема технички можности, како и доволен кадровски потенцијал до почетокот на февруари да се заврши оваа операција. Овој состав на владата или техничката влада треба да ги подготви законските измени, по што Парламентот по итна постапка да ги донесе”, велат од партијата.

Од Демократски сојуз порачуваат дека евентуалните отворени прашања со Грција треба дa се разрешат по дипломатски пат.

“Пред шалтерите на МВР се создаваат огромни и неподносливи гужви, каде граѓаните чекаат во колони и по два дена за замена на документите”, велат од партијата.

Поради големиот притисок да се стигне рокот и метежите пред пунктовите на МВР, каде што луѓе чекаат со часови во редици, шефот на државата вчера во гостување во ТВ Сител рече дека на двајца министри им предложил со брза интервенција во законите за лични карти и за патни исправи, рокот да може да се одложи до септември-октомври и за тоа да биде известена Грција со образложение дека, како што рече, „немаме намера да бегаме од обврските од Преспанскиот договор“.

Преспанскиот договор со Грција беше потпишан на 17 јуни 2018 година. Но, критиките до институциите се дека иако роковите од Договорот почнаа со промената на Уставот во февруари 2019-та година, тие не започнаа навреме да издаваат лични документи со новото име Република Северна Македонија.

Така, граѓаните кои вадеа лични документите во текот на 2021 година, повторно ги добиваа со старото име Република Македонија. Сега тие одново треба плаќаат за нови документи.

Инаку, според податоците на Министерството за надворешни работи граѓаните најмногу се заинтересирани за промена на пасошите иако реално личните карти се посуштински за секодневното функционирање.

Така, од 5 јули 2021 година, кога почнаа да се издаваат документи со името Република Северна Македонија до 31 декември 2023 година сменети се 1.169.463 патни испрати, 1.007.885 лични карти и 529.799 возачки дозволи.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*