Во врска со последните реакции во јавноста за случајот М-НАВ и неопределувањето мерка притвор за четирите осомничени лица, Судскиот совет денеска излезе со став дека судовите се независни во своето постапување и одлучување, а Судскиот совет во рамки на своите законски надлежности ја следи работата на судовите.
Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје донесе решенија со кои на четири лица осомничени за „загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај“ во врска со нападот во М-НАВ, наместо мерката притвор побарано од Обвинителството, им определи мерки за претпазливост.
Нападот се случи по прес-конференцијата на претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ), Александар Тасевски, на која тој информираше дека дваесет до триесет контролори на летање и нивни помошници во Македонска навигација (М-НАВ) се очекува да почнат да поднесуваат оставки од раководните позиции во М-НАВ, како поддршка на синдикалните активности и реакции за последниот оглас за вработувања во оваа институција и однесувањето на менаџментот.