Тричлената коалиција „Европски сојуз за промени“ денеска објави дека нивното трпение дошло при крај поради неизборот на член на ДИК од редовите на опозицијата и дека нејзината пратеничка група веќе нема да учествува во работата на Собранието.
„Апелиравме до претседателот на Собранието, Талат Џафери да не го узурпира правото на опозицијата да биде застапена во ДИК, но и покрај нашите напори да го почитуваме Изборниот законик, ДУИ по секоја цена измислува пречки како да создаде предуслови за манипулација на изборниот процес.
Како да не се доволни партиските вработувања, наместените тендери, притисоците врз судиите, партиските портали, притисоците врз сите што не мислат како нив, a сега очите им се вперени и во ДИК. Затоа, тука сме да изјавиме дека од денеска, пратеничката група на ‘Европскиот сојуз за промени’ нема да учествува во работата на Собранието, сѐ додека на дневен ред на пленарна седница не се стави нашиот кандидат за член на ДИК, Абдуш Демири.
Ова е само првиот чекор. Очекуваме македонската опозиција да остане лојална на изјавата дека ќе ја напуштат ДИК доколку албанската опозиција не постави свој член во ДИК“, изјави групата денес на прес-конференција.
Тие најавија и дека доколку не биде прифатено нивното барање ќе ги „заострат опозициските мерки“. На кој начин би го правеле тоа дополнително ќе го разгледуваат. „Но како и да е, ‘Европскиот сојуз за промени’ ќе победи со или без членот во ДИК“, велат од коалицијата.