Од денеска па во иднина сите избрани и именувани функционери имаат обврска, освен на хартија, своите имотни листови да ги поднесуваат и по електронски пат.
Ова доаѓа откако Државната комисија за спречување на корупција и судир на интереси (ДКСК) на последната седница во 2023 година го објави Годишниот план за следење на имотната состојба за 2024 година и потврди дека од денеска (2.1.2024) имотот на функционерите ќе се пријавува и по електронски пат.
Годинава ДКСК како приоритет во испитувањето на потеклото на имотот ги стави судиите, обвинителите, директорите на болници, како и на градоначалниците и членовите на советите на општините. За оваа цел, ДКСК денеска објави и информативно видео во кое се објаснети сите поединечни чекори за тоа како функционерите треба да го пријават својот и имотот на своето семејство.
Освен личните податоци кои ќе бидат впишани во профилот што треба да го креираат функционерите, тие ќе мора, освен актуелната, да ги наведат и сите порнешни функции што ги извршувале.
Освен за нив лично, на Портлот за избрани и именувани лица за секој функционер поединечно ќе ги има и личните податоци за неговото семејство но и за било каков имот што го поседуваат или пак имаат било какви јавни овластувања и должности.
Што се однесува до имотот тој е поделен во повеќе категории што ќе треба да се пополнат, како што се, движен и недвижен имот, дома и во странство, оружје, поседување фирми или акции во фирми и слично.
Сепак и покрај модернизацијата на начинот на пријавување на имотната состојба, останува законската одредба дека секој избран и именуван функционер ќе мора својот и имотот на своето семејство да го пријавува и во писмена форма.