Ниската доверба на правосудниот систем ќе се подобрува со развојна стратегија за правосудството. Со неа се предвидува смена на изборот на членови за Судскиот совет, воведува обврска за детално образложение при унапредување и разрешување на судии и обвинители, но и нови правила за избор на шеф на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Зад нејзината изработка стои Министерството за правда и работна група од експерти, судии, обвинители, адвокати, извршители. Нивната анализа на состојбите и законите утврдила дека правосудниот систем е на најниско ниво.
„Ако имате закони, а немате праведни пресуди и праведни постапки, вие сте неправна држава. Ние сме на нивото на таква држава која не е правна држава. Не е демократска правна држава затоа што го имаме кфалификативот на заробена држава, хибириден режим“, вели Владо Камбовски, Работна група за стратегија во правосудството.
Според Камбовски, во моментов е нарушен системот на судската власт, а виновник за состојбата гледа во политиката.
„Политиката влијае и врз нашите животи, влегува и во нашите приватни одаи. Токму целта на етаблирање на начелото на владеење на правото е да ја заузда политиката до граници до кои може да оди, да ги заузда и политичките партии и извршната власт за тоа дека нивната вистинска улога е унапредување на демократските односи, нудење на проекти и сл, а не притисоци врз судските институции како ќе ги решаваат предметите“ вели Камбовски.
Од Министерството за правда велат дека се размислува и на затворање судови во помалите градови, за кои тешко се обезбедува кадар, а имаат и мал број предмети.
Развојната секторска стратегија за правосудството е предвидено да се спроведува во следните четири години. Со неа треба да се гарантира и финансисксата независнот на судовите и обвинителството.