Државната комисија за спречување на корупцијата поднесе иницијатива до Обвинителството за гонење организиран криминал за кривично гонење на поранешен директор на ЕСМ, како и за службени лица во Министерството за економија и во ЕСМ, за тендерот за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино.
Посочените лица биле членови на Комисијата за јавни набавки за тендерот за мазут од 212 милиони евра, кој го доби фирмата РКМ на Ратко Капушевски.
Членот на Комисијата Горан Трпеноски, кој го работеше случајот, вели дека постојат сомнежи дека функционерите ја злоупотребиле службената должност и предизвикале криза и пораст на цената на мазутот, со што му овозможиле поголем профит на РКМ.
Постојат сомнежи за монополско здружување, затајување на данок и други кривични дела. За нивните сомнежи ќе ја известат владата, Комисијата за заштита на конкуренција, Регулаторна комисија за енергетика, УЈП и Финансиската полиција.