Инспектори од Управата за финансиска полиција денеска влегле во Град Скопје за да проверат колку и како се потрошени пари од градскиот буџет за новогодишното украсување на градот, потврдија од Управата за финансиска полиција.
Оттаму не откриваат повеќе детали, нагласувајќи дека предистрагата е тајна и откако ќе заврши увидот, ќе излезат соодветни законски мерки.
„Имајќи предвид дека сите дејствија преземени во предистражната постапка, согласно член 289 од Законот за кривична постапка, се сметаат за тајна, за добиените пријави и сознанија на евентуално сторени инкриминирани дејствија од страна на одговорни лица, Управата за финансиска полиција ќе достави соодветен писмен поднесок до надлежниот Јавен обвинител“, велат од Управата за финансиска полиција.
Скопската градоначалничка Данела Арсовска попладнево на својот фејсбук-профил објави фотографија на која се гледа како седната покрај маса игра шах со Дедо Мраз.
Симболиката на фотографијата не е случајна бидејќи во објавата Арсовска пишува: „Во исчекување на резултатите од истрагата за елката…“