Наодите од обдукцијата за малата Вања и фризерот Панче пристигнаа во Обвинителството. Нема одговор на прашањата ниту за точното време на смртта, ниту за начинот на кој биле убиени, ниту еден детал, бидејќи обвинителите го анализираат и не споделуваат ништо заради истрагата.
Дали партијата Десна ќе ги преживее двете убиства за кои е осомничен нивниот лидер, избеганиот Палевски-Палчо зависи од судот и обвинителството. До обвинителството се уште нема иницијатива за гаснење и забрана на партијата за да покренат постапка.
Оттаму ни велат дека за трите услови за забрана за партија, ако таа повикува на насилно уривање на уставниот поредок, поттикнува или повикува на воена агресија или разгорува национална, расна или верска омраза, треба да има кривична постапка која доколку обезбеди докази тогаш би почнала постапката за забрана и гаснење на партијата, пред граѓанскиот суд.
Премиерот Ковачевски со речник, сличен на министерот за внатрешни работи вели дека Десна мора да се забрани и дека осомничените лани при усвојувањето на францускиот предлог, протестирале рамо до рамо со ВМРО-ДПМНЕ и Левица, кога глумеле патриотизам со што го успорувале напрредокот на државата.
Доста му е на овој народ, вели Ковачевски, и од лажен патриотизам и од квази национализам. Од ВМРО-ДПМНЕ цело време сметаат дека убиството на Вања немало да се случи доколку полицијата предводена од Спасовски постапувала соодветно уште при исчезнувањето на пензионерот Панче Жежовски.
За Љупчо Палевски, од опозицијата, повторуваат дека е екс претседател на градската организација на СДСМ и го сметаат за близок соработник на власта, човек кој бил опозиција на опозицијата.