“Бевме сведоци на едно државничко обраќање на претседателот, како претседател на сите граѓани. Ги опфати предизвиците во изминатите години со фокус на клучните државни и национални цели-членството во НАТО и ЕУ. СДСМ го поздравува фактот што претседателот Пендаровски цврсто стои на ставот дека државата мора да опстои на европскиот пат и на прозападната ориентација затоа што тоа е нашата единствена алтернатива”, рече пратеникот од СДСМ, Мартин Костовски на прес-конференција по годишното обраќање на претседателот Стево Пендаровски во Собранието.
Костовски додаде дека членството во ЕУ значи подобар стандард за сите граѓани, повисоки плати и пензии, сигурна европска иднина за сите млади генерации, а како што рече, лагите и манипулациите за бугаризација и асимилација заедно со лагите дека ќе биде загубен македонскиот јазик и идентитет дефинитивно се поразени.
Посочи дека македонскиот јазик е потврден во ЕУ со Договорот со ФРОНТЕКС, кој е прв договор кој тоа го потврдува, а Унијата веќе започна процес на ангажирање преведувачи за македонски јазик.