Министерството за правда вчера добило известување дека до нивните колеги во Турција стигнало барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски Палчо, осомничен за убиството на 14 годишната Вања Ѓорчевска и на 74 годишниот Панче Жежовски. Барањето било испратено по сите три возможни канали до турското министерство за правда и за надворешни работи и преку Интерпол. Од Министерството за правда денеска брифираа дека, сепак, за екстрадицијата на Палевски ќе бидат потребни месеци, а не денови.
„Месеци се во прашање во овие предмети, не денови и недели, бидејќи се предава човек. Постапките знаат да траат и со години, но не очекуваме оваа толку да трае. Искрено се надеваме дека ќе биде пред јуни. Ние бевме многу брзи. Палевски има право да се жали на се и да се бори против екстрадицијата“, соопштуваат од Секторот за меѓународна правна помош при Министерство за правда. Оттаму додаваат дека многу ретко кога се работи за лице кое е во истрага како Палевски да се побара дополнителна документација. Но, доколку се бара тие веднаш ќе ја обезбедат.
„Правно предметот е чист и постапката е спроведена баш по книга. Од искуство колку повеќе има борба на барањето за екстрадиција, толку подобро е на крајот, бидејќи може да се стави под знак прашалник процедурата“, додаваат од Секторот за меѓународна правна помош при Министерство за правда. Заменик министерот за правда Викторија Мадиќ пред брифингот изрази надеж дека екстрадицијата ќе биде извршена во најбрз можен рок. До Турција секојдневно пристигнуваат по околу 100 барања за екстрадиција. Од министерството за правда апелираа да не се политизира случајот, за и тоа да не се искористи од страна на Палевски.