Отворање на поглавја од првиот кластер што е можно побрзо со Северна Македонија и Албанија кога ќе ги исполнат условите, најави претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен по самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел.
Брисел прати порака дека сака да го забрза приклучувањето на регионов во ЕУ, и ќе се подготви за ново проширување кое мора да се заснова на заслуги. „Има добри аргументи да се придвижиме напред во пристапниот процес на различни земји. Процесот е врз основа на заслуги, и ова од една страна е охрабрување за кандидатките да ги направат неопходните реформи.
Од друга страна, процесот за нас во ЕУ значи дека треба да признаеме ако е направен напредок од земјата- кандидатка“, изјави претседателката на ЕК, Фон дер Лајен. „Јас сум за продолжување на проширувањето и се надевам дека ќе ги надминеме овие пречки. Од самитот ЕУ- Западен Балкан испративме оптимистичка порака дека во ЕУ има поголема заедничка желба за проширување кое се зема сериозно. Тоа автоматски не значи дека пречките ќе се разрешат веднаш, но има јасна волја брзо да се надминат“, изјави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел. На самитот потврдено дека отворање на поглавја со земјава е можно само ако има уставни промени.
„Штом Северна Македонија ги донесе тие амандмани во Собранието, веднаш ќе биде одржана втората меѓувладина конференција. Се она што јас го зборував во текот на изминатите година и пол, се потврди како точно. И се потврди уште нешто како точно, дека во нашата држава имаме два блока, еден европски блок којшто се залага за интеграција на државата во ЕУ. И имаме втор блок, кој токму денес се гледа дека работи против интеграцијата на земјата во ЕУ“, нагласи премиерот Димитар Ковачевски. ЕУ бара реформи во владеењето на правото, борбата со корупцијата, како и поголема регионална соработка и помирување. Покрај планот за раст на регионот, од ЕУ ќе има пари за справување со кибер-нападите. Скопје, Тирана и Подгорица ќе добијат два милиони евра за оваа цел.